Русите и допингот – Савинова остана без олимпиското злато од Лондон!

Олимписката шампионка на 800 метри од ОИ 2012 во Лондон, Марија Савинова, била допингувана. Руската атлетичарка земала недозволени стимулативни средства во периодот од 2010 до 2013 година и сите резултати во тој период и се бришат, а Савинова доби суспензија до 2019 година, објави Спортскиот арбитражен суд.

На ОИ во Лондон, Савинова на 800 метри триумфира пред Кастер Семенија од Јужна Африка и Британката Џени Медоуз која заврши на третото место. ИОК ќе направи прераспределба на медалите по суспензијата на Савинова, и тогаш златото ќе и припадне на Семенија и контраверзната јужноафриканска атлетичарка ќе стане двојна олимписка шампионка на 800 метри, со злато од ОИ во Лондон и од ОИ во Рио.

Покрај златото од Лондон, Русинката остана и без златото што го освои на СП 2011 и златото од ЕП 2010, сите на трките на 800 метри. Исто така, Савинова ќе мора да го врати и среброто од СП во 2013 година.

„Доказите се јасни. Савинова земала допинг од 2010 до 2013 година. Сите резултати во тој период се бришат. Тоа вклучува медали, награди и пари што ги добила. Од 2015 година почна да и тече четиригодишната казна“ – информираа од Спортскиот арбитражен суд.

Светската атлетска федерација (ИААФ) во ноември 2015 година ја суспендира Руската атлетска федерација откако Меѓународната антидопинг агенција (ВАДА) утврди дека во Русија државата спонзорирала користење на допинг. Поради тоа, руските атлетичари не можеа да настапат на ОИ во Рио, а нема да учествуваат ни на годинашното СП во Лондон.

Се вчитува...