Руски клубови го „меркаат“ Стефан Ристовски

Стефан Ристовски би можел да ја продолжи кариерата во Русија, најавуваат португалските медиуми повторувајќи дека македонскиот репрезентативец има зелено светло за да си замине од Спортинг по конфликтот со тренерот Рубен Аморим. Десниот бек не беше дел од тимот на Спортинг на стартот на сезоната, Аморим јасно стави до знаење дека не смета на неговите услуги, но и покрај интересот од неколку екипи од Топ 5 лигите Ристовски не успеа да го реализира трансферот до крајот на преодниот рок.

Весникот „А Бола“ потсетува дека преодниот рок во Русија трае до 17 октомври, најавувајќи дека неколку клубови од оваа земја покажале интерес за Македонецот. Еден од нив е и шампионот Зенит, кој веќе го доведе Вендел од Спортинг на едногодишна позајмица, а сега лесно мже да се случи по негови стапки да тргне и Ристовски.

Стефан Ристовски пристигна во Спортинг во 2017 година, најпрвин на позајмица од Ријека, за португалскиот клуб потоа целосно да го откупи неговиот договор со хрватскиот прволигаш. Тој досега има одиграно 82 натпревари во дресот на Спортинг, освојувајќи три трофеи, еден во Купот на Португалија и два во лига-купот на оваа земја.

Се вчитува...