Руски нокаут за Хрватска

Русија е последниот четвртфиналист на Евробаскет 2017 откако во дуелот што беше најавуван како „дерби осминафинале“ успеа да слави над Хрватска со резултат 101-78. Извонредниот напад беше главната причина за овој триумф на руските кошаркари, кои успеаја целосно да ја размонтираат одбраната на „коцкестите“ стигнувајќи ја границата од 70 поени за само 29 минути игра, а до крајот ја „раситнија“ и „стотката“ стигнувајќи до фантастичен 101 постигнат поен против селекцијата која важеше за одлична во одбраната во досегашниот дел од шампионатот.

Швед со две тројки во првите две минути за водство од 6-0 ја најави својата одлична партија. Хрватите набрзина се разбудија и преку Шариќ и Богдановиќ влегоа во ритам во нападот, па до крајот на полувремето двете селекции одиграа максимално ефикасно, постигнувајќи вкупно 88 поени (42-46). Како клучна се покажа третата четвртина, во која Русија продолжи да доминира во нападот, но исто така и заигра далеку подобро во одбраната. Предводени од Швед руските кошаркари набрзина стигнаа до двоцифрена предност, Хрватите многу тешко погодуваа од поле, овозможувајќи му на противникот во последната четвртина да влзе со резултат 72-57 (26-15 во третата четвртина).

Квостов ја отвори последната четвртина со тројка, веднаш потоа Швед реализираше две слободни фрлања за 77-57, па прашањето на победникот беше решено, а Русија рутински ја доврши задачата до убедливата конечна победа од 23 поени разлика (101-78).

Швед одигра фантастичен натпревар реализирајќи 27 поени и 12 асистенции, Зубков и Кулагин постигнаа по 14, а Фридзон 13 поени за „зборнаја“. Единствен расположен за игра кај Хрватска беше Богдановиќ со 28 поени, а целосно потфрли Дарио Шариќ, постигнувајќи 13 поени со шут од поле 3/14.

Се вчитува...