Рускиот газда на Монако сака да го купи Милан

Финансиската криза на Милан од ден на ден станува се подлабока, откако стана очигледно дека кинескиот газда Јонгхонг Ли не е способен да ги подмири обврските кон доверителите. „Росонерите“ се наоѓаат во крајно незавидна ситуација бидејќи мораат да ги „испеглаат“ финансиите кон УЕФА за финансиски фер-плеј, а згора на тоа и да покријат дел од долговите што ги направи Ли при самото купување на клубот. Се најавува дека наскоро „росонерите“ би можеле да добијат нов газда, а во јавноста се шпекулира со името на газдата на Монако, Русинот Дмитри Риболовљев.

Како што јавуваат италијанските медиуми, кинескиот милијардер е задолжен во компанијата „Елиот менаџмент“, која заедно со каматите најдоцна до октомври ќе треба да наплати 303 милиони евра, во спротивно американската компанија ќе ја преземе контролата над клубот. Според овие информации, Американците веќе ја почнале потрагата по инвеститор кому веднаш би му го продале Милан, а барем засега најсериозен интерес искажал Риболовљев.

Русинот го презеде Монако како второлигаш, го внесе во елитата и минатата сезона успеа дури и да му ја украде титулата на ПСЖ, воедно стигнувајќи и до полуфиналето во Лигата на шампионите. Тој чувствува дека остварил се што можел со „кнезовите“, па се најавува дека е подговен да го продаде Монако, откако на почетокот од годинава добил понуда од 500 милиони евра.

Оваа сума нема да му биде доволна за преземање на Милан, но Риболовљев е подготвен да доплати уште околу 300 милиони, за што поскоро да ги договори деталите и да го преземе раководењето со еден од најтрофејните италијански клубови. „Росонерите“ се надеваат дека тоа ќе се случи до почетокот на јули, за новата управа да има можност да инвестира во играчки кадар и да состави квалитетен тим за наредната сезона.

Се вчитува...