Рустемовски на еден меч од медал, обезбеди четвртфинале на ЕП во Софија

Македонскиот боксер Ален Рустемовски продолжува со успешниот настап на Европското првенство во бокс, кое се одржува во Софија, Бугарија. Рустемовски успешно ја мина и осминафиналната пречка и обезбеди место меѓу најдобрите осум на шампионатот.

Рустемовски во осминафиналето се соочи со англискиот боксер Вилијам Хјуит, против кого дојде до победа на поени и тоа 4-1.

Со овој триумф, македонскиот боксер направи значаен чекор кон освојување медал, бидејќи со пласманот во четвртфиналето дојде  на само една победа од обезбедување најмалку бронзено одличје.

За Рустемовски ова е можност да стигне до најголемиот резултат во досегашната кариера. Следниот меч го очекува в среда, кога ќе има нова шанса да продолжи со победничката серија и да се пласира во полуфиналето.

Покрај пласманот во четвртфиналето, победата над Хјуит му донесе и дополнителни 150 рејтинг-поени.

На Европското првенство настапуваат околу 400 боксери и боксерки од 40 земји, што ја прави конкуренцијата исклучително силна.

Се вчитува...