Новата македонска спортска гордост, боксерот Ален Рустемовски, го освои бронзениот медал на Европското првенство што се одржува во Софија. Тој во денешното полуфинале во категоријата до 60 килограми, загуби од Украинецот Аидер Абдураимов со 4:1.
Младиот боксер е задоволен од постигнатиот успех и освоениот медал.
„Пред сè, сакам од срце да им се заблагодарам на сите мои блиски луѓе кои беа тука за мене, ме поддржуваа и веруваа во мене и кога не беше лесно. Го завршив мојот настап на ова Европско првенство со бронзен медал, остварив три победи во три исклучително тешки мечеви против некои од најдобрите боксери. Во последните два меча пред полуфиналето ги победив и двајцата фаворити, а во полуфиналето загубив на поени 4:1 од боксерот од Украина. Со тоа морав да се задоволам со бронза, но за мене овој медал вреди многу повеќе од бронза. Целиот мој живот се борев за овој момент. Освојувањето сениорски европски медал ми беше еден од моите најголеми соништа, заедно со сонот еден ден да освојам медал и на Светско првенство и на Олимпијада.
Медалот на градите на Рустемовски е награда за трудот,жртвите и пречките со кои се соочуваше во досегашната кариера.
„Зад овој медал стојат многу години на труд, жртви и пречки. Голем дел од мојата кариера го поминав сам. Тренирав двапати дневно, одев на кампови и подготовки без тренер, ми се случувало и на турнири и натпревари да одам сам, без тренер. И покрај ограничената финансиска поддршка и сите пречки кои ги имав, никогаш не се откажав. Желбата за успех ми беше преголема. Знаев дека еден ден ќе успеам. И денес можам да кажам дека ова е само почеток. Знам дека допрва ме чекаат уште поголеми работи. Мојот сон останува ист Олимпијада, олимписки медал и еден ден да освојам сè што може да се освои. Посебно сум горд што по 20 години успеав да донесам европски медал во бокс за Македонија. Овој медал не е само мој. Тој е на сите кои веруваа во мене, ме поддржуваа и беа дел од мојот пат. Фала ви на сите за преубавите честитки, пораки и поддршка. Ви благодарам што бевте со мене во секој момент. Се гледаме на некое следно големо натпреварување“, порача Рустемовски.”
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
