Саити: Гостивар не е шега, со Трајковски покажавме колку сме сериозни

По Александар Костоски, Гостивар од денеска е посилен за уште еден македонски репрезентативец, откако „сино-белите“ го ставија потписот на договорот со Бојан Трајковски. Играчот кој заедно со Војдан Стојановски беше избран за најдобар македонски кошаркар во 2018 година веднаш ќе му се стави на располагање на тренерот Србиновски, а со него во ростерот нема дилеми дека уште повеќе растат и амбициите на гостиварци, на две седмици до завршниот турнир од Купот на Македонија.

„Мислам дека со ова покажавме колку сме сериозни, Гостивар не е шега и допрва ќе се види силата на нашиот тим. Секако дека сме горди на потписот на Трајковски, сега во тимот имаме двајца кошаркари од стартната петорка на македонската репрезентација. Со Бојан во тимот сега имаме одличен ростер што е спој на младост и искуство, со тројца квалитетни странци, но и играчи од нашиот град. Одиме напред со крупни чекори, верувам во овој тим и се надевам на големи заеднички радости во периодот што следи“ – изјави тим-менаџерот на Гостивар, Бали Саити.

Гостивар е еден од ретките клубови што функционира без посериозна општинска помош, но сепак успева да склопи одличен играчки состав.

„Добро познато е дека во управата на клубот се група не ентузијасти кои прават се за овој проект да изгледа каков што е. Продолжуваме да работиме со засилено темпо, желни за успеси, а наш дополнителен адут е извонредната публика, која придонесува Гостивар да биде најкошаркарски град во Македонија“ – потенцира Саити.

Се вчитува...