Салах избра – ќе игра во екс-клубот на Џани Алиоски

Мохамед Салах од денеска и официјално е слободен играч по истекот на договорот со Ливерпул, а информациите поврзани со 34-годишната суперѕвезда говорат дека Салах веќе ја избрал и следната дестинација во кариерата.

Саудиска Арабија ќе биде државата каде „фараонот“ ќе настапува во наредната сезона, и тоа во дресот на Ал Ахли, тим со кој Салах ќе потпише тригодишен договор. Станува збор за екипа за која своевремено настапуваше и Џани Алиоски, впрочем македонскиот фудбалер беше еден од првите кои станаа дел од Ал Ахли потпишувајќи како слободен играч од Лидс јунајтед.

Овој тим е во сенката на Ал Хилал и на Ал Наср, а челниците веруваат дека со ангажманот на Салах ќе се вмешаат во трката за највисок пласман.

Според информациите од Саудиска Арабија,  сите детали се веќе договорени, но се чека завршувањето на настапот на Египет на СП 2026 за овој мегатрансфер да може да биде официјализиран.

Мохамед Салах мина девет сезони во Ливерпул, постигнувајќи 257 гола и 123 асистенции и уривајќи бројни рекорди на гигантот од „Енфилд роуд“.

Се вчитува...