Салцбург, Митјиланд и Краснодар во групите од ЛШ

Австрискиот тим Салцбург оствари и втора победа над Макаби ТА, овојпат со 3-1 и надмоќно се пласира во групите од Лигата на шампионите. По триумфот на гости со 1-2, фудбалерите на Салцбург дома беа уште поубедливи. Патсон Дака со два гола и Доминик Шбошлаи со погодок од пенал беа творци на триумфот на Салцбург.

Митјиланд ја совлада Славија Прага со 4-1 и на убедлив начин ги разреши дилемите откако првиот дуел во Чешка заврши без голови. Олајинка донесе водство за гостите во третата минута, но потоа на сцена стапи Митјиланд. Каба, Шолц, Ониека и Дрејер направија комплетен пресврт и го одведоа Митјиланд во фудбалскиот рај.

Таму е и Краснодар кој и вторпат го победи ПАОК, овојпат во Солун со 1-2. Михалидис во 73.минута си постигна автогол за водство на рускиот тим, Ел Кадури израмни само четири минути подоцна, но Реми Кабела во 78.минута стави крај на надежите на грчкиот тим дека би можел да се пласира во групната фаза од Лигата на шампионите.

Се вчитува...