Самарџиев: Честики до МЗТ…, горд сум на овие момци, за нас оваа сезона е успех рамен на титула

Еуро Никел оваа сезона ги освои симпатиите на кошаркарските фанови ширум Македонија. Кавадарчани блескаа во текот на целата сезона со еден тим составен од искусни домашни играчи надополнети со одлични странци кој на крајот беше запрен во последната пречка – финалето.

Кавадарчани финалната серија против скопскиот великан МЗТ Скопје го завршија со пораз од 3-0, но како што вели тренерот на Еуро Никел, Горан Самарџиев успехот на тимот оваа сезона е рамен на освојување на титула и ова е само прва сезона од долгогодишниот план.

„Честитки за МЗТ на освоената титула. Мислам дека заслужено стигнавме до финале и го оправдавме епитетот. Немаше да биде незаслужено и доколку ние добиевме некој натпревар, но на крајот пресуди таа подолга клупа во ротацијата. Честитки за моите играчи кои изгинаа оваа сезона за Еуро Никел, благодарност и до управата на клубот. Ќе гледаме да растеме како клуб, да бидеме уште подобри и се надевам дека не ја разочаравме кошаркарската јавност. Игравме убава кошарка, а така ќе биде и во иднина. Тешко е кога ќе загубиш, но тоа е мора да се прифати и еден пораз. Со враќањето на неколку играчи кои беа отпишани како Соколов, Караколев и Мијатовиќ направивме една добра целина во која не красеше другарство и сплотеност. Бевме еден за сите, сите за еден. Ќе гледаме во наредните денови да се одмориме и веќе да почнеме да размислуваме за иднина. Се надевам дека ќе продолжиме со планот и веќе за следната сезона ќе направиме еден тим кој ќе биде продолжение за ова што го остваривме оваа сезона. Ова е успех рамен на титула бидејќи овој тим беше составен за влез во Суперлига, а потоа и за последните четири, а стигнавме до тука“, изјави за ЕКИПА, Горан Самарџиев.

Се вчитува...