По десет години пазуа Кавадарци повторно ќе добие шанса да се бори за титула во македонската кошарка откако Еуро Никел со две „метли“ во четвртфиналето против Гостивар и полуфиналето против Работнички го осигураа своето место во финалето од првенството.
Избраниците на Горан Самарџиев по „брејкот“ во Скопје успеаа повторно да му се спротивстават на нашиот најтрофеен клуб и да слават во драматичен финиш со 88-87. По натпреварот тренерот на „сино-белите“ не ги криеше задоволството од победата. Како што вели овој тим го живее сонот наречен кошарка.
„Честики до сите играчи и поклон до земја. Ова се херои кои изгинаа за клубот и покрај сите проблеми и сите повреди во последно време. Немавме сала за тренинг, патувавме секој ден, но ние сме професионалци, максимално се залагаме и ги браниме боите на Еуро Никел и кавадаречкиот спорт. Кавадарци во моментот доживува една ренесанса во спортот, Тиквеш влезе во прва лига во фудбалот, а еве и ние сега после десет години повторно сме во финале. Ова не е мала работа со оглед на играчите и буџетот со кој располагаме. Овие момци се херои. Да го победиш Гостивар и Работнички со Мираковски и Докузовски на клупата, два пати во рок од десет дена не е мала работа. Ќе гледаме колку што можеме да се освежиме за финалето без разлика кој ќе биде противникот, но како и да е ние ќе се бориме до крај. Имаме некои ситни повреди, не знаеме каква е повредата на Дубински кој играше со свиткана нога на крајот. Благодарност до Еуро Никел за поддшката и вербата во нас кога пред три години, цела година бевме без денар. Го одржавме клубот и мислам дека сме на вистинскиот пат без разлика што ќе се случи во финалето. Го живееме сонот наречен кошарка. Се радуваме на секоја минута помината на теренот, на секој тренинг. Презадоволни сме“, изјави за ЕКИПА, Горан Самарџиев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА