Самарџиев: Морам да напоменам дека прекините не беа на наше барање, ова не е добро за македонската кошарка

Првиот финален натпревар му припадна на МЗТ Скопје кој успеа да слави во СЦ „Јане Сандански“ против Еуро Никел со 83-81. Кавадарчани одлично го започнаа натпреварот и веќе во првата четвртина имаа предност од 14-0, нешто подоцна и 24-8, но гостите не успеаја да го задржат ритамот по што домаќините ја искористија поголема ширина во ростерот и веќе до полувремето го превземаа водството.

По натпреварот тренерот на Еуро Никел, Горан Самарџиев се осврна кон својот тим, а како што вели пресудно за мечот беше подолгата клупа на домаќинот.

„Пресуди таа подолга клупа на МЗТ. Нам ни фали еден до двајца играчи на бековската позиција и тоа прави разлика.  Премногу товар паѓа над Дубински, Соколов и Петровски, кои многу се трошат во „пик“ играта, во одбрана, а тоа резулитра со премногу поени примени од транзиција. но тоа е. На крајот успеавме да се вратиме, но за жал не и да поведеме. Ќе гледаме да се одмориме што повеќе утре, а не очекува и патување за Гевгелија. Премногу е напорно со оглед на тоа што имаме помал број на играчи, но повторно ние сме професионалци и не се откажуваме. Допрва ќе видат сите дека ние не се откажуваме, ова е само прв натпревар, ќе се бориме до последен здив па нека победи подобриот“, изјави за ЕКИПА, младиот стратег.

Во сенка на одличниот натпревар останаа прекините од крајот на првата и почетокот на втората четвртина, како и пред почетокот на второто полувреме кога следеше предолг прекин за празнење на дел од салата која имаше повеќе од дозволено публика. Ваквите прекини не се полза на никој, поготово на кошаркарите кои ризикуваат повреди. Тоа се виде и на самиот натпревар кога при крајот на третата четвртина мускул истегна Хасани Гравет, но за среќа Американецот успеа да се врати на паркетот во последните десет минути.

Токму за ова говореше и Самарџиев кој вели дека мора да се напомене дека Еуро Никел воопшто немал проблем со присуството на публика, што впрочем дава и подобра атмосфера на едно вакво финале.

„Право финале, но остана во впечаток непотребните тензии, нервози и прекини кои многу влијаеа на натпреварот. Кога веќе влегува таа публика внатре без разлика дали ќе бидат 300, 400 или 4000 луѓе треба и да се остави да се доигра. Мене воопшто не ми смета тоа. Вака се губи ритам на натпреварот и тоа поготово во првата четвртина кога ние бевме во налет, а никој од нас не побара да се прекине мечот или пак да се испразни публиката. Не знам што беше тоа ни на полувремето кога се чекаше пола час, а потоа повторно продолжиме исто. Испадна дека од салата заминаа Војдан Стојаноски, Ѓорѓи Чековски и Горјан Марковски, репрезентативци на Македонија. Срамно е. Мислам дека треба од следните натпревари да биде одлучено. Ако нема публика да нема воопшто публика, а ако веќе има нека биде полна сала па да играме во убави услови. Ова е проблем за самите кошаркари, почнуваш па застануваш. Ќе настанат повреди кои никој не ги посакува. Не сакам во иднина да има вакви прекини, ова не е добро за македонската кошарка“, додава Самарџиев.

Вториот финален натпревар во кој Еуро Никел ќе има шанса да ја изедначи серијата е во етерот веќе утре во Гевгелија каде кавадарчани ги играат домашните натпревари во плејофот поради вакцинацијата која се одвива во салата „Јасмин“.

Се вчитува...