Самарџиев: Ништо не е готово, но сега притисокот ќе е врз Работнички

Еуро Никел оствари фантастичен резултат со победата во Скопје над Работнички, со која кавадарчани се наоѓаат на чекор до пласман во големото финале. Горан Самарџиев ја доби тактичката битка со Димитар Мираковски стигнувајќи до огромен триумф со кој му се реваншираше на големиот ривал за поразот во полуфиналето од Купот на Македонија.

Меѓу кавадарчани владее еуфорија по одличната победа, но тренерот Самарџиев јасно става до знаење дека овој триумф нема да значи ништо доколку не се слави и на утрешната средба на која Еуро Никел ќе биде домаќин во салата во Гевгелија.

„Горд сум на моите кошаркари , на покажаниот карактер и квалитетот на овој прв натпревар. Јасно е дека Работнички има можеби и двојно поголем буџет од нас, но на терен докажавме дека тоа нема преголемо влијание кога се игра квалитетна кошарка. Имам многу причини за задоволство, но никако не смееме да претераме со славењето бидејќи пред нас е нов предизвик со наредниот дуел. Ништо не е готово, но сега притисокот ќе е врз Работнички, бидејќи тоа ќе биде меч што тие никако нема да смеат да го загубат. Нам не ни е лесно, секој ден патуваме до Гевгелија за тренинзи, но досега одлично одговоривме на сите предизвици и очекувам тоа да биде случај и на утрешниот втор дуел“, изјави Самарџиев.

Се вчитува...