Самарџиев: Во ниеден случај не се предаваме, одиме на се или ништо во Скопје

МЗТ Скопје славеше во вториот финален натпревар во серијата против Еуро Никел со 91-95 и се најде на чекор до освојување на осмата титула во првенството. Кавадарчани повторно одлично го отворија натпреварот и поведоа во првата четвртина, но не успеаја да го задржат високиот ритам по што натпреварот продолжи во изедначено темпо.

Играта „кош за кош“ траеше се до последните три минути од средбата кога по една контроверзна ситуација, МЗТ Скопје успеја да направи серија од 9-0 и да стигне до предност која што за еден ваков натпревар беше преголема.

По натпреварот тренерот на Еуро Никел ја честиташе победата на актуелниот шампион и најави голема борба во СЦ „Јане Сандански“ во недела, натпревар кој кавадарчани мораат да го добијат доколку сакаат да ја продолжат серијата.

„Му честитам на тимот на МЗТ Скопје за победата. И покрај тоа што е 2-0 во серијата сметам дека ништо не е готово, ќе одиме да дадеме се од себе во Скопје. Во ниеден случај не се предаваме, ќе го дадеме максимумот и се надевам дека ќе успееме да ја продолжиме серијата. Не би сакал да ја коментирам контроверзната ситуација би оставил тоа да го процени јавноста, но би сакал да се извинам и за бурната реакција. Провладуваа емоциите, сепак тоа беше еден детал кој го одлучи натпреварот“, изјави за ЕКИПА, Горан Самарџиев.

Се вчитува...