Самарџиски: Секогаш е посебно да се игра финале против Работнички

МЗТ Скопје е првиот финалист во плеј-офот во кошаркарската лига на Македонија, откако синоќа го совлада Гостивар и во третиот натпревар со 87-77. Во големото финале тие го очекуваат подобриот од серијата меѓу Работнички и Блокотехна, во која тимот од „градски парк“ има предност од 2-1. Најдобриот поединец на тимот од  „Јане Сандански“, Предраг Самарџиски кој стана шести играч во домашното првенство кој стигна до трипл-дабл учинок вели дека иако посакува вечно дерби за крај на сезоната, сепак и Блокотехна има одлична сезона и заслужува да игра во финалето.

„Дерби е дерби. За македонската кошарка би било убаво вечното дерби да се игра во финалето.  Секогаш е посебно да се игра финале против Работнички, но Блокотехна имаше одлична сезона и заслужува да ја круниса со настап во финалето. Затоа не можам во моментов да прогнозирам, ниту да кажам дека посакувам некого во финалето, едноставно на никој не му посакувам да игра против нас во финалето“, изјави Самарџиски. 

Центарот на „металците“ вели дека одморот кој ќе го имаат до почетокот на финалето ќе им одговара бидејќи ќе можат да се освежат и да ги санираат ситните повреди кои ги носи згуснатиот распоред.

„Паузата ќе ни одговара бидејќи не е долга за да не извади од натпреварувачки ритам, а е доволна за да можеме да се освежиме и да ги санираме ситните повреди кои се случуваат кога се играат многу натпревари во краток период.  За нас ќе биде голема предност тој одмор од два дена кој што ќе го имаме повеќе во однос на противникот во финалето бидејќи и на тактички план ќе имаме повеќе време за подготовка“, заврши Самарџиски. 

Се вчитува...