Самарџиски: Убаво е убедливо да се победи, но секој меч ќе биде нова приказна

МЗТ Скопје Аеродром го прегази Работнички со неверојатни 80-44 во првиот меч од финалната серија од плејофот што се одигра во „Јане Сандански“. Неизвесноста траеше едвај две четвртини, а потоа домашниот тим буквално го исчисти паркетот со составот на Марин Докузовски.

Центарот Предраг Самарџиски учествуваше со девет поени и 11 скока, а истакна дека радоста од убедливиот триумф ќе заврши уште вечерва, затоа што секој меч од финалната серија ќе биде нова приказна.

„Не почнавме на посакуваниот начин, но потоа работите дојдоа на свое место. Ја зацврстивме одбраната и во транзиција постигнувавме лесни поени. Тоа го реши натпреварот. До крајот разликата се зголемуваше и остваривме убедлива победа. Убаво е, малку ќе славиме, но само вечерва, а потоа сето ова ќе го архивираме, ќе го оставиме зад нас и ќе се подготвуваме за вториот меч од финалето. Ништо не е завршено, секој меч ќе биде нова приказна. Би сакал да ги поздравам и фановите кои ни дадоа поддршка, падна и брачна понуда, честитки и желби за среќа и многу деца“, истакна Предраг Самарџиски.

Следната средба од финалната серија се игра во вторник, во СЦ „Борис Трајковски“, домаќин ќе биде Работнички.

Се вчитува...