„Само да не игра Елмас, тој не победи во Скопје“…

ЕКИПА во Летонија, 

Никола Ѓуровски

Летонија не е фудбалска велесила, се гледа и по позицијата на табелата во групата и петте порази, но домаќините се надеваат дека токму на денешниот меч со Македонија можат да стигнат барем до првиот бод. Иако веќе одамна ги загубија сите шанси за некој подобар пласман, посакуваат барем да го избегнат срамот и да не го завршат циклусот со максимални десет порази.

Нивните надежи се дека можат да ја изненадат Македонија, а со радост ја примија информацијата дека можеби нема да игра Елиф Елмас, кој заработи повреда на скочниот зглоб на вчерашниот официјален тренинг на стадионот „Даугава“. Сепак, повредата не е толку сериозна и тој најверојатно ќе конкурира за составот.

„Само да не игра Елмас, тој не победи во Скопје. Фудбалерот на Наполи е врвна класа, исто како и Пандев, Несторовски, Трајковски, Адеми…Имате многу квалитетни фудбалери, лесно ви е вас“, велат претставниците на летонските медиуми. Ги нема многу, речиси идентично како и фановите на трибините. Овде во Рига, а и во цела Летонија, хокејот на мраз и кошарката имаат многу поголема популарност.

„Не очекував дека ќе биде толку тешко да освоиме барем еден бод досега, а играта и не ни дава големи надежи. Ќе мораме да играме многу подобро против Македонија или во спротивно и тие ќе не прегазат“, истакнува летонскиот селектор, Славиша Стојанович.

Летонците влегуваат во мечот со Македонија откако го доживеаја најубедливиот пораз од осамостојувањето на дуелот против Австрија (0-6) на гости.

 

Се вчитува...