Само Дамјан е под договор со шампионот, МЗТ тргнува со подмладување на составот

МЗТ Скопје стигна до нова двојна круна, а пред управата на актуелниот првак е нов предизвик – сочувување на костурот на тимот кој и во наредната сезона би атакувал на трофеи на домашната кошаркарска сцена.

Капитенот Дамјан Стојановски е единствениот што има валиден договор и за новата сезона, а „металците“ најавуваат и значително подмладување на тимот, со вклучување на дел од поталентираните играчи од МЗТ 2 во првата екипа.

„Горди сме на остварениот успех и се надеваме дека во ист стил ќе продолжи и во наредниот период. Засега преговорите ги оставуваме во мирување бидејќи цените на играчите се скокнати „до плафон“, но верувам дека ќе успееме да задржиме голем дел од клучните кошаркари. Она што ни е приоритет на почетокот од преодниот рок ќе биде прекоманда на дел од најдобрите кошаркари од МЗТ Скопје 2 во првата екипа, за продолжение на проектот во кој на младите и талентирани играчи ќе им дадеме и шанса за играње натпревари во АБА2“, изјави директорот Тони Грнчаров.

Управата на „сино-белите“ се уште е во дилема и околу тренерското прашање. Дарко Радуловиќ пристигна на неколку месеци, но со освоената двојна круна се наметна како решение и за наредната сезона, за која за истата функција атакува и предводникот на вториот тим на МЗТ, Боро Даскаловски.

„Наскоро би требало да ги разрешиме и дилемите околу тренерот за новата сезона. Разговараме со стратезите кои ни се опција, се со цел да ја донесеме вистинската одлука“, вели Грнчаров.

Се вчитува...