Само еден човек може да го воскресне „заспаниот“ Милан

Убедливиот пораз во Бергамо од Аталанта уште повеќе го зголеми притисокот врз водечките луѓе во Милан, Паоло Малдини и Звонимир Бобан, да најдат излез од кризата или самите да добијат отказ од американските газди на италијанскиот гигант. Тренерот Пиоли засега е сигурен, но очигледно е дека на тимот му се неопходни засилувања. Ставот на „росонерите“ е јасен, тимот може да биде спасен само со еден трансфер – Златан Ибрахимовиќ.

Швеѓанецот преговараше со „росонерите“, Малдини минатата седмица истакна дека двете страни не се блиску до договор, но разговорите биле интензивирани во изминатите 48 часа, откако на раководството на Милан му стана јасно дека мора да се стори се за што поскоро да се најде излез од кризата. Последните информации говорат дека е пронајден заеднички јазик, Златан начелно прифатил договор на 18 месеци за вкупна плата од шест милиони евра, а сега останува да се договорат само уште неколку детали пред трансферот да биде официјализиран.

Ибрахимовиќ не добил понуда од Евертон за да му се приклучи на Карло Анчелоти, во меѓувреме интересот го оладија и Наполи и Болоња, па Швеѓанецот е свесен дека опциите му се крајно лимитирани. Затоа, се очекува во следните 48 часа да бидат разрешени сите дилеми и тој да потпише договор со Милан, по што на 30 декември ќе се појави на првата прозивка по божиќните празници.

Се вчитува...