Само Шкендија носител од македонските екипи…, Селтик, Ц. Звезда, Молде се можни противници на Силекс во ЛШ

Единствено Шкендија од македонските екипи кои ова лето ќе не претставуваат во европските клупски натпреварувања ќе биде на листата носители во квалификациите за Лига Европа пред закажаната ждрепка на почетокот од август. Останатите три македонски екипи, Силекс во квалификациите за Лигата на шампионите и Ренова и Шкупи во квалификациите за Лига Европа ќе бидат на листата неносители.

Со УЕФА коефициент – 1.475, Силекс е меѓу аутсајдерите пред ждрепката за 1. квалификациско коло од Лигата на шампионите. Токму поради тоа кратовци, без сомнение, ќе имаат повеќе од тешка задача за пласман во следната рунда натпревари. Меѓу можните противници на Силекс во првото квалификациско коло се шампионот на Шкотска, Селтик, српскиот шампион Црвена Звезда, Астана од Казахстан, Лудогорец од Бугарија, израелски Макаби Тел Авив, норвешки Молде, унгарски Ференцварош, азербејџански Карабах, словачки Слован Братислава, молдавскиот шампион Шериф Тираспол, литванскиот шампион Судува,…

Во квалификациите за Лига Европа, пак, со коефициент 7.250 единствено Шкендија ќе биде носител. Шкупи со коефициент 2.000 и Ренова со коефициент 1.475 ќе бидат меѓу неносителите со објективно тешка задача за пласман во второто квалификациско коло од Лигата на Европа.

Ждрепката за првите квалификациски кола од Лигата на шампионите и Лигата на Европа е закажана за 9. и 10. август во Нион.

Првото квалификациско коло од Лигата на шампионите ќе се игра на 18/19. август, додека првото квалификациско коло за Лигата на Европа на програмата е на 27. август. Како што е познато, низ квалификациите во двете европски клупски натпреварувања, за разлика од минатите години, сега ќе се игра само по еден натпревар во секое коло.

Се вчитува...