Само во Германија: Продадени 100.000 билети за „меч сo невидлив противник“

Германскиот четвртолигаш Локомотив Лајпциг почна неверојатна кампања, канејќи ги фановите да купат билети за нивниот „дуел со невидлив противник“ закажан за 8 мај. Во период на беспарица во фудбалските колективи поради коронавирусот, управата на Локомотив ја стартуваше кампањата за да обезбеди приходи за наредниот период, воедно истакнувајќи ја амбицијата – да се продадат 120.000 влезници, со што би го урнале клупскиот рекорд по посетеност што го поставија во полуфиналето од Купот на УЕФА против Бордо, одигран во 1987 година.

Дека идејата е повеќе од успешна говори фактот дека досега се продадени 100.000 билети, а на еден месец до одигрување на мечот речиси сигурно е дека целта ќе биде остварена. Управата на клубот засега не открива детали од најавениот спектакл.

„Она што е планирано за 8 мај нека остане тајна. Од стадионот ќе биде емитуван „стрим“, рефлекторите ќе бидат вклучени, а нашите коментатори ќе вршат директен пренос на интернет-радио. Не можеме да откриеме ништо повеќе од ова“, објавија од Локомотив Лајпциг.

Се вчитува...