„Самоубиства“ на домашен терен на Интер и на Ајакс

Интер втора година по ред не успева да се пласира во осминафиналето од ЛШ по катастрофално издание во последното коло, и тоа на меч на домашен терен. Лани „нероаѕурите“ се „лизнаа“ против ПСВ Ајндховен, а вечерва загубија од преполовениот тим на Барселона со 1-2. Меси, Пике, Роберто и уште неколку првотимци не настапија за Барса, но Интер одигра под своите можности. Младиот Перез и Ансу Фати беа стрелци на головите за каталонскиот гигант, кој со ваквиот резултат направи џиновска улуга на Борусија Дортмунд, па „милионерите“ со триумфот од 2-1 над Славија Прага се пласираа во следната фаза.

Идентично како Интер се посрамоти и Ајакс, па ланскиот полуфиналист овојпат настапот во ЛШ го заврши во групната фаза. На холандскиот првак му беше доволно и реми во последното коло на домашен терен со Валенсија, но Родриго им донесе триумф на гостите од 0-1. Зијеш беше трагичарот на Ајакс откако во второто полувреме пропушти стопроцентна шанса од пет метри да го матира гостинскиот голман.

Валенсија ја завршува групната фаза како првопласирана, пред Челси откако тимот на Френк Лампард славеше над Лил со 2-1 со головите на Абрахам и на Азпиликуета.

Лион се врати од прагот на амбисот откако губеше со 0-2 на полувреме од Лајпциг со два гола од пенал. Сепак, францускиот тим се врати и израмни на 2-2, што беше доволно за второто место во групата. Најголеми губитници во оваа група излегоа фудбалерите на Зенит, кои загубија со 3-0 од Бенфика, па на крајот го освоија последното место во групата и нема да продолжат ниту во Лигата на Европа.

 

Се вчитува...