Сампаоли се налути, па избриша тројца Аргентинци за Хрватска

Жорге Сампаоли беше жестоко критикуван за изборот на стартниот тим на дуелот со Исланд, а со оглед на очајното издание на „гаучосите“ на отворањето на СП сега и на самиот селектор му е јасно дека нешто мора да се менува. Како што јавуваат аргентинските медиуми, тој бил особено разочаран од настапот на тројца фудбалери, кои експресно ќе ги пресели на клупата за резерви за мечот од второто коло против Хрватска.

Анхел ди Марија целосно потфрли со Исланд, поради што беше заменет во второто полувреме, па сега против „коцкестите“ нема да биде ниту стартер. Истото се однесува и на Лукас Билја од Милан, како и на бекот Салвио, кој не се снајде најдобро.

Според најавите од таборот на „гаучосите“, нивните места во тимот ќе ги заземат Габриел Меркадо, Џовани ло Целсо и Кристијан Павон. Интересно, и покрај „ремонтот“ во тимот, Сампаоли останува на својот став Игуаин и Дибала да не бидат стартери, без оглед на фактот дека станува збор за двајца исклучително квалитетни фудбалери. Игуаин влезе во игра во 84. минута од мечот со Исланд, додека Дибала целиот натпревар го проследи од клупата за резерви.

Се вчитува...