Самсоненко ги исплати ракометарите и фудбалерите на Вардар!

Дојде и тој ден, Сергеј Самсоненко повторно е „Дедо Мраз“ во Вардар, рускиот газда се појави во Скопје и повлече потег каков што се чекаше од првиот човек на клубот – ги исплати спортистите во ракометниот и во фудбалскиот клуб.

Премногу им се должи на членовите на овие два колектива, кои не само што не се платени за оваа, туку дури и за претходната натпреварувачка сезона. Ракометарите лани беа херои и без плата стигнаа до европска круна, но долговите им дојдоа преку глава, па егзодусот почна уште пред два месеци, со заминувањето на Криштопанс и на Атман и најавените трансфери на бројни првотимци.

Фудбалерите пак овојпат се вистинските херои, со драстично подмладен тим делат лекции во Првата лига и заслужено се на чело на табелата, дури и во ситуација кога цела сезона добиваат празни ветувања за да им се исплатат платите од договорите.

Свесен е Русинот дека должи многу, дури и премногу за македонски услови, а неговото недомаќинско работење во фудбалскиот клуб придонесе Вардар лани да не добие лиценца за настап во европските купови, на тој начин и да заработи значителна сума што ќе беше добредојдена во оваа беспарица.

Затоа, плаќањето на долговите кон спортистите треба да биде прво нешто што Русинот треба да го направи. Затоа што оваа наша вест е првоаприлска шега, но истовремено и опомена до големиот газда дека премногу семејства зависат од неговото дадено ветување. А дадениот збор значи и обврска кон оние кои гинат за црвено-црниот дрес, кои заслужуваат да го добијат ветеното и без да молат за него.

Се вчитува...