Самсоненко никаде го нема, и Симев и Спасески си заминаа од Вардар

И покрај тоа што се очекуваше дека до крајот на годината, како што претходно вети Сергеј Самсоненко ќе ги подмири комплетните долгови на ФК Вардар, ништо од тоа. Најтрофејниот македонски клуб деновиве буквално е оставен сам на себе по заминувањето од клубот и на раководната двојка Самоил Симев и Мирко Спасески.

Извршниот директор, Симев и претседателот Спасески по седум години на челните позиции на Вардар се повлекуваат од администрацијата на клубот оставајќи го во долгови од околу три милиони евра.

Меѓутоа Вардар е во очекување на конечно позитивна разврска околу идната финансиска стабилност со најавата, како што претходно објави ЕКИПА за влез во клубот на катарската авиокомпанија Катар ервејс.

Според нашите информации, во 2021 година преку договор со македонската Влада се најавува можна промена на концесионерот на македонските аеродроми. Во таа насока, доколку успешно завршат разговорите за инвестициски влез на „Катар ервејс“ во Македонија, а во договор со домашните државни институции, авиокомпанијата ќе го преземе и ФК Вардар.

Како посредници во „акцијата“ за спас на ФК Вардар се истакнати фудбалски работници од Македонија, поранешни функционери и во најтрофејниот македонски клуб. „Катар ервејс“, како спонзор, не е непознаница во фудбалскиот свет. Долги години, во минатото и сега, е и спонзор на клубови како Барселона, Бока јуниорс…

Се вчитува...