Сари дојде, потпиша и Жоргињо – Челси го налути Гвардиола

Пеп Гвардиола е бесен откако клупските директори на Манчестер сити не успеаја да му ја исполнат големата желба – ангажман на Жоргињо од редовите на Наполи. Италијанскиот репрезентативец се сели во Премиер-лигата, но не во Манчестер туку во Лондон, откако Челси попладнево го комплетираше неговиот трансфер вреден 60 милиони евра.

Само неколку часа по официјалната промоција на Сари беше комплетиран и трансферот на Жоргињо, кој доаѓа на „Стемфорд бриџ“ токму на инсистирање на новиот стратег, со кого имаше беспрекорна соработка во Наполи.

Британските медиуми тврдат дека „граѓаните“ се бесни бидејќи имале целосен договор и со клубот и со фудбалерот се додека Челси не стапил на сцена, нудејќи 10 милиони повеќе од актуелниот првак на Англија. По ова се променил и ставот на претседателот на Наполи, Аурелио де Лаурентис, кој потоа вршел притисок за фудбалерот да замине во Челси наместо во Сити.

Епилогот е веќе јасен – Жоргињо повторно ќе игра за Сари, овојпат во Премиер-лигата, додека Пеп Гвардиола ќе мора на друго место да ја продолжи потрагата по последен играч за врска.

Се вчитува...