Сари ги избриша Манџукиќ и Џан од списокот за ЛШ

Јувентус се мачеше да продаде дел од фудбалерите во текот на летово, а дел од оние кои одбија трансфери се казнети со бришење од списокот за Лигата на шампионите. Денеска беше последен ден за поднесување на пошироките списоци за настап во ЛШ, а Маурицио Сари реши за натпреварите од елитното европско натпреварување воопшто да не смета на Марио Манџукиќ и на Емре Џан.

Манџукиќ го загуби местото во тимот со враќањето на Игуаин, згора на тоа Сари инсистира на брзоногиот Коста, па на Хрватот му беше дадено до знаење да не се надева на првотимски статус. Тој и покрај новонастанатата ситуација реши да остане во таборот на „старата дама“ со надеж дека ќе се избори за место во екипата, но веќе дефинитивно е јасно дека тоа нема да се случи преку настапите во ЛШ.

Заедно со Манџукиќ од тимот за Лигата на шампионите е отстранет и Џан, кој воопшто не ги оправда очекувањата по трансферот од Ливерпул. Тој беше поврзуван со клубови од Германија, дури и со размена за Иван Ракитиќ со Барселона, но откако сите опции пропаднаа, екс-фудбалерот на Ливерпул ќе мора да ги мине следните месеци гледајќи од страна како неговите соиграчи настапуваат во елитното европско натпреварување.

На списокот на Сари го нема ниту Џорџо Кјелини, сосема очекувано со оглед на тешката повреда и фактот дека листата може да биде дополнета во пресрет на нокаут-фазата, за која искусниот дефанзивец би можел да се врати на терените.

Се вчитува...