Сари го краде Жоргињо пред носот на Гвардиола?

Италијанскиот репрезентативец Жоргињо го напушта Наполи и се сели во Премиер-лигата, но не во Манчестер сити како што се очекуваше, туку во редовите на Челси, каде тренер ќе му биде екс-стратегот на „наполитанците“, Маурицио Сари.

Антонио Конте продолжува да ги води тренинзите на Челси во очекување да добие отказ и богата отпремнина, но истовремено Сари веќе ги влече првите потези на трансфер-пазарот. Британските медиуми неколку пати објавуваа дека трансферот на Жоргињо во Сити е речиси завршена работа, но ситуацијата се променила откако Челси стапил на сцена со понуда од 55 милиони фунти, прескокувајќи го Манчестер сити во трката по овој фудбалер за врска.

Според италијанските медиуми, Жоргињо синоќа организирал проштална вечера во Неапол објавувајќи дека заминува во Лондон, со што уште повеќе се подгреваат шпекулациите дека Челси, а не Манчестер сити ќе биде негов нов клуб. Останува да се види дали доаѓањето на Жоргињо ќе значи заминување на Нголо Канте, за кого ПСЖ подготви понуда од 80 милиони евра, или евентуално на Цеск Фабрегас, кој е интересна опција за тренерот на Наполи, Карло Анчелоти.

Се вчитува...