Сари ќе бира меѓу Челси и Рома

Маурицио Сари долго време беше критикуван поради променливите настапи на Челси, но италијанскиот стратег на крајот сепак успеа да ги реализира зацртаните цели – обезбедувајќи место во ЛШ, воедно и стигнувајќи до полуфиналето од Лигата на Европа, каде има активни 1-1 по гостувањето на првиот меч против Ајнтрахт. Отако го преживеа бранот на незадоволство, сега Сари се наоѓа во ситуација да бира, дали да остане во Челси и наредната сезона или пак да се врати во татковината и да седне на клупата на Рома.

„Волчицата“ се надеваше дека ќе успее да го убеди Антонио Конте на соработка, но откако не успеа во тоа сега погледите ги сврте кон Сари. На екс-тренерот на Наполи му е понуден тригодишен договор за повисока плата од онаа што ја зема во Челси, но и буџет од околу 100 милиони евра за засилувања.

Проблем за Сари е што Челси е казнет од ФИФА за трансфери во текот на летото, а со оглед на најавеното заминување на Азар тоа сигурно ќе се одрази и врз резултатите на лондонскиот клуб во наредната сезона. Во таква ситуација повторно на удар ќе биде тренерот, па Италијанецот затоа и планира добро да размисли – дали да ризикува на „Стемфорд бриџ“ или да застане на чело на долгорочниот проект каков што го најавува управата на Рома.

Се вчитува...