Сари: Роналдо нема да игра против Аталанта!

Јувентус ќе биде значително ослабен за утрешното гостување против Аталанта откако Маурицио Сари денеска најави дека Кристијано Роналдо нема да биде во комбинација за мечот во Бергамо. Португалецот беше во конфликт со тренерот откако беше заменет на последните две средби пред репрезентативната пауза, но Сари тврди дека нема проблем со најголемата „ѕвезда“ во тимот.

„Нема потреба да се објаснуваме со Кристијано Роналдо, долго време сум тренер и знам дека фудбалерите кои излегуваат од игра се незадоволни. Некогаш треба само време за страстите да се оладат. Не постои личен проблем со Кристијано, туку тој се врати од репрезентативните обврски и се пожали дека чувствувал болка по вториот меч за Португалија. Му подготвивме специјална програма за рекуперација, целта е да биде подготвен за дуелот од ЛШ против Атлетико Мадрид. Со 99% сигурност можам да кажам дека Роналдо нема да игра против Аталанта“ – изјави Сари.

Кристијано Роналдо ги одигра последните две средби за Португалија во квалификациите за ЕВРО 2020, помагајќи неговата селекција да обезбеди пласман на континенталниот собир.

Се вчитува...