Сари: Секој почеток е тежок, така ми беше и во Наполи и во Емполи

Маурицио Сари е свесен за критиките што пристигнуваат на негова адреса по почетните натпревари на Јувентус. „Старата дама“ освои десет од можните 12 бода во првите четири кола, но играта на актуелниот првак е далеку под посакуваната. Проблем е и одбраната, која прима повеќе голови од вообичаено, но Сари е оптимист дека тоа ќе се реши низ натпревари во наредниот период.

„Не беше лесно да се игра против Верона, тим што игра физички фудбал со многу дуели. Најважно е што ги освоивме бодовите, но јасно ни е дека мораме да бидеме уште подобри. Има разлика, во Наполи имав посиметричен тим, во Јуве ситуацијата е сосема поинаква. За да се функционира како тим е потребно време, секој почеток е тежок. Во Емполи примив 25 гола во првите девет кола, со Наполи имав големи проблеми во првите два-три месеци. Затоа и сето ова ми е нормално, но и мотивација да ги решиме проблемите што поскоро“ – изјави Сари.

Јувентус во следното коло ќе гостува на Бреша засилена со Марио Балотели, по што ќе следи домашен меч со СПАЛ, па големото дерби со Интер што ќе се игра на 6 октомври на „Џузепе Меаца“ во Милано.

Се вчитува...