Сари: Три години живеев за да го победам Јуве, а сега сум овде…

Маурицио Сари денеска и официјално беше промовиран во нов тренер на Јувентус, доаѓајќи на оваа функција од клупата на Челси. Италијанскиот стручњак е свесен за притисокот што го носи работата во најтрофејниот клуб на Апенинскиот полуостров, уште повеќе поради „војната“ што тој и неговиот Наполи три сезони ја водеа со „старата дама“.

„Дадов се што можев за Наполи, бидејќи сум роден во Неапол и израснав навивајќи за овој клуб. Три години се будев секое утре и единствена помисла ми беше да го победам Јувентус. Дадов 110% од своите можности, но не успеавме. Сепак, професионалец сум и свесен дека кога ќе ти се укаже шанса да се седне на клупата на Јуве, тоа не смее да се пропушти. Ова е врвот на мојата тренерска кариера, никогаш досега не ми се случило некој клуб толку многу да сака да ме доведе“ – истакна Сари.

Тој е свесен дека допрва ќе треба да ги придобие навивачите, кои гласно се противат на доаѓањето на екс-тренер на Наполи на клупата на „старата дама“.

„Каде и да дојдам, луѓетo гледаат на мене се скептицизам. Дојдов од „Серија Ц“ во Емполи и сите беа скептични на мене. Потоа отидов во Наполи и ми се случи истото, па наидов на скептици и кога потпишав во Челси. Знам дека тоа во светот на фудбалот може да се промени само на еден начин – со победување и освојување на трофеи“ – порача новиот стратег на „старата дама“.

Сари со нетрпение очекува да ја почне соработката со Кристијано Роналдо.

„И во Наполи и во Челси работев со врвни фудбалери, но Кристијано Роналдо е ниво над сите нив. Верувам дека ќе имаме успешна соработка и ќе му помогнам на Кристијано да урне уште многу рекорди на европскиот фудбал“ – истакна Маурицио Сари.

Се вчитува...