Сари возврати: Мене совеста ми е чиста, а за иднината добро ќе размислам

Маурицио Сари не остана должен на критиките од претседателот Де Лаурентис, кој истакна дека Наполи ќе имал поголеми шанси за титулата доколку тренерот во текот на сезоната им дал барем малку одмор на клучните фудбалери. Стратегот на „наполитанците“ по денешното реми со Торино одговори на ваквите коментари на првиот човек на клубот, воедно подгревајќи ги шпекулациите дека летово ќе си замине од Неапол.

„Не знам што точно изјавил Де Лаурентис, но можам да кажам една работа – мене совеста ми е чиста. Секој ден работев за Наполи да победува, дадов се од себе. Нормално е претседателот да биде разочаран, и јас самиот сум разочаран, но тоа не е начин да се искаже незадоволството бидејќи навистина сите во стручниот штаб и сите фудбалери заеднички го даваме максимумот цела сезона. Не знам што ќе се случува летово, за иднината добро ќе размислам“ – изјави Сари по дуелот со Торино, кој значеше и дефинитивна капитулација во трката за скудетото.

Челси останува фаворит во трката по овој стратег, кој има уште една година од договор со Наполи, но многу лесно може да се случи да си замине од клупата на италијанскиот вицепрвак.

Се вчитува...