Сашко Пандев: Нема потреба од еуфорија, одиме чекор по чекор…

Академија Пандев е без сомнение најпријатното освежување за македонската прволигашка сцена сезона. „Пандевци“ по седум кола се на второто место на табелата, на последните два дуели славејќи против Пелистер и Работнички.

Сето тоа носи нескриена еуфорија во Струмица и редовите на Академија Пандев,  која ја смирува капитенот Сашко Пандев според кого не треба сега да се „лета во облаци“…

„Работнички има одлична екипа и можеби заслужи подобар резултат на овој дуел. Пред се, затоа што го диктираше темпото во првите 15 минути, имаше пенал кој домашните фудбалери не го искористија, потоа постигна гол, а создаде и неколку шанси и можеби требаше да водат со два-три разлика. Токму тоа е она на што ние треба да поработиме во следниот период. Не смееме да влегуваме деконцентрирани во натпреварите, особено со екипи од самиот врв на македонскиот фудбал. Но, затоа, откако помина нивниот притисок, ние ја презедовме контролата над играта, доминиравме на теренот и постигнавме два гола кои ни беа доволни за победа” – вели Пандев.

IMG_7551

Она што е интересно од неделниот натпревар против Работнички е што Академија Пандев имаше негатива, а сепак дојде до победата. Со оглед на тоа што најголем дел од фудбалерите во составот се млади и релативно неискусни, а тимот е дебитант во елитата, тоа е голем успех.

„Точно е дека како клуб сме дебитанти во прволигашка конкуренција, но имаме и искусни фудбалери. Јас сум тука, потоа Балдовалиев, Стоилов, Ганчев и неколку играчи кои со Турново играа Прва лига неколку години. Тие не се веќе млади, влегуваат во добра натпреварувачка форма и имаат што да кажат. Но, она што е најважно е самодовербата која ја краси екипата на Академија Пандев. Веруваме во себе, не паѓаме и кога ќе примиме гол и се надевам дека ќе продолжиме така”, вели Пандев, дополнувајќи:

„И ние не очекувавме ваков пласман и вакви резултати. И на подготовките велев дека не треба да се залетуваме иако сите не прашуваа за пласман во европски купови, за место во горниот дел на табелата итн. Ние тргнавме скромно, одиме натпревар по натпревар, ако се укаже шанса ќе ја искористиме, но главната цел останува – опстанок во прволигашка конкуренција”, истакнува капитенот на Академија Пандев.

Следен противник на Академија Пандев денеска во 8. коло од ПМФЛ требаше да биде Вардар, но поради учеството на “црвено-црните” во Лигата Европа, тој натпревар е одложен. Претстои гостувањето кај Силекс в сабота од 15 часот.

Се вчитува...