Се е договорено – Суарез доаѓа во Јувентус

Луис Суарез е изборот на Јувентус за нов голгетер за наредната сезона откако „старата дама“ ги договори сите детали од овој трансфер, кој би требало да биде официјализиран во следните 48 часа. Иако во текот на вчерашниот ден се појавија шпекулации дека Меси инсистирал на останување на својот добар пријател за и тој да остане во Барса, Уругваецот на крајот сепак реши да си замине од „Камп Ноу“ и кариерата да ја продолжи во дресот на најтрофејниот италијански клуб.

Барселона не сакаше да го пушти Суарез како слободен играч, со оглед на фактот дека тој имаше уште една година од актуелниот договор, па „формулата“ за овој трансфер ќе биде многу слична на оној на Иван Ракитиќ во Севилја. Поточно, Јувентус ќе плати околу два милиони евра отштета, но во договорот ќе бидат вметнати неколку клаузули преку кои трансферот ќе може да порасне до 10 милиони евра.

Самиот Суарез веќе ги имаше средено деталите за двогодишен договор за плата од 10,5 милиони евра по сезона (повисока сума од она што го заработувааше во Барселона), со можност за продолжување на соработката за уште една дополнителна сезона.

Потписот на Суарез ќе значи и дефинитивно откажување од трката по Един Џеко. Уругваецот ќе го наследи Гонзало Игуаин во нападот на Јувентус, откако аргентинскиот ас го договори трансферот во Интер Мајами во американската МЛС-лига.

Се вчитува...