Се е договорено: Зидан на клупата на ПСЖ, дали овој потег ќе го премисли и Мбапе

Зинедин Зидан се враќа на фудбалот и многу сериозно би можел да му ги замрси сметките на претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез. Легендарниот Зизу е подготвен за ангажман во татковината и летово ќе го преземе ПСЖ, со што Зидан ќе биде сериозен адут на управата на „светците“ во обидите да го убедат Килијан Мбапе да потпише нов договор со клубот.

Информацијата ја објави новинарот Даниел Риоло од РМЦ Спортс, кој летово прв ја објави и светската ексклузива дека е постигнат целосен договор за мегатрансферот на Лео Меси од Барселона. Според Риоло, постигнат е целосен договор меѓу Зидан и Ал Келаифи, а Покетино не би можел да се спаси од отказ ниту со освојување на пехарот во Лигата на Шампионите.

Договорот нема да биде официјализиран, но Зидан ќе има слобода да почне да разговара со Мбапе за да се обиде да го убеди да го продолжи договорот со ПСЖ. Францускиот голгетер досега ги одбиваше сите понуди на управата, но овојпат ситуацијата е поинаква, Зидан е стратег кого Килијан максимално го почитува, за кого сакаше да игра и во Реал Мадрид, па „светците“ се надеваат дека ангажманот на Зизу ќе значи и задржување на најдобриот француски фудбалер на „Паркот на принцовите“.

Од вакво сценарио стравуваат и Шпанците, па „Марка“ веста за Зидан во ПСЖ ја опиша како можен најголем пораз на Флорентино Перез по враќањето на чело на Реал.

Се вчитува...