Се е исто како лани: Баерн се порадува, па му се поклони на „кралот“

Реал Мадрид се наоѓа на прагот на ново европско финале откако по голема битка славеше среде Минхен над Баерн со 1-2. Идентично како и на ланскиот меч меѓу двата тима, баварскиот гигант подобро почна, заслужено поведе, имаше и шанси за втор гол, но на крајот мораше да му честита на тимот предводен од Зинедин Зидан. Со тоа Реал продолжува да му набива комплекс на Баерн, бележејќи ја шестата победа во низа против големиот ривал.

Џошуа Кимих беше стрелец на првиот гол на мечот, откако на асистенција на Хамес Родригез тргна во контранапад и го измами голманот Кејлор Навас, наместо центаршут упатувајќи директен удар и сместувајќи ја топката во неговата мрежа. Баерн имаше и две шанси за 2-0, но Рибери од идеална ситуација не ја смири топката, за потоа Рамос да го блокира обидот на Томас Милер. Казната стигна во 44. минута кога одбраната на Баерн не реагираше најдобро, па топаката на работ на шеснаесетникот стигна до Марсело, кој со волеј удар го израмни резултатот. Мора да се истакне дека Баерн во првото полувреме остана без двајца првотимци, Робен и Боатенг заработија повреди и мораше да бидат заменети.

Зидан го направи клучниот потег на стартот од вториот дел, уфрлајќи го Асенсио на местото на индиспонираниот Иско. Токму младиот офанзивец беше стрелец на голот за победа во 55. минута, казнувајќи ја катастрофалната грешка на Рафиња по загубената топка на средината од теренот. Навас се извади за првиот примен гол со извонредна интервенција при шансата на Рибери, по што и Бензема промаши убава шанса за трет погодок.

Последната шанса за израмнување ја имаше Роберт Левандовски, кој во 88. минута излезе очи в очи со Навас, но биеше непрецизно.

Само за потсетување, Реал и минатата сезона славеше во Минхен со 1-2, но потоа го загуби мечот во Мадрид со идентичен резултат и патникот во финалето беше решен дури по продолженија. Сето тоа е најава за драматичен реванш наредниот вторник на „Сантијаго Бернабеу“.

Се вчитува...