Се е исто како лани: Вардар го преслуша Монпелје среде Франција

Вардар е тим со шампионски карактер, го почувствува тоа повторно на своја кожа Монпелје откако македонскиот првак идентично како и лани, ја стартуваше сезоната во Лигата на шампионите со голема победа на жешкиот терен во Франција (31-33). Писонеро продолжи по стапките на Гонзалес и на Парондо, па најде начин да го надмудри Канаје во беспоштедна битка во која победникот беше решен во завршните десетина минути. Монпелје беше блиску до победата, имаше водство од два гола, но „вардарци“ уште еднаш го потврдија својот најголем квалитет – најдобри кога е најпотребно направија целосен пресврт и на крајот заслужено се радуваа на победата.

Сосема очекувано, домашните ракометари од самиот почеток се обидоа да наметнат игра и посериозно да се одлепат, но „вардарци“ беа подготвени за тој предизвик. Вардар поведе со 0-1, потоа домашниот тим презеде контрола, а при водство од 7-6 за Монпелје и исклучување на Скубе, голманот Гедбан одлично одбрани пенал на домаќините. Македонскиот првак ги искористи грешките на Французите, па за неполна од негатива од 8-7 и напад за домаќините, „вардарци“ преку Шишкарев и Дибиров дојдоа до предност од 8-9. Атман донесе и водство од 8-10, а Монпелје при 9-10 не реализираше уште еден седмерец.

„Црвено-црните“ имаа предност од 10-12, но потоа дојде до голем пад, Французите набрзина постигнаа четири погодоци и поведоа со 14-12, со прекрасниот гол што од задгрб го постигна Порт. Монпелје поведе 16-14 по исклучувањето на Калараш, но „вардарци“ и со играч помалку постигнаа два гола во серија и израмниија. На одмор се замина со водство на домашниот тим од 17-16, полувреме во кое воопшто не функционираа одбраните на двете екипи.

Писонеро го уфрли Кугис на голот на Вардар, но Симонет блесна на стартот на второто полувреме со два прекрасни погодоци во мрежата на „црвено-црните“. Францускиот вицепрвак имаше водство 20-17, при овој резултат не искористи и напад, по што Вардар пак се врати и со два брзи гола на Шишкарев стигна и до израмнување на 21-21. На добриот настап на руското крило се надоврза Скубе, француските ракометари почнаа се почесто да грешат, па македонскиот шампион повторно ја презеде контролата над резултатот, поведувајќи со 23-25 и принудувајќи го Канаје да побара тајмаут во 44. Минута од мечот.

Проблемите се појавија на средина од второто полувреме, кога Криштопанс беше исклучен, а при истата акција Шишкарев заработи незгодна повреда и мораше да биде заменет. Монпелје го искористи тоа и го сврте резултатот во своја полза, поведувајќи со 26-25, со неверојатниот погодок на Симонет. Кризата во играта на „вардарци“ стана очигледна, а францускиот тим тоа безмилосно го казнуваше, поведувајќи со 27-25 пред серијата од 4-0 да ја прекине Скубе со својот шести погодок. Писонеро го врати Гедбан на голот, но одбраната беше далеку од посакуваното ниво.

При резултат 29-27 за Монпелје исклучен беше Дуарте, а Вардар знаеше како да го искористи тоа, па по двете одлични интервенции на Гедбан не само што се вратија, туку и со голот на Чупиќ постигнат од бековска позиција поведоа со 29-30. „Црвено-црните“ веќе во следниот напад повторно ја украдоа топката преку Шишкарев, по што Дуарте фаулираше за трето исклучување и црвен картон. Скубе погоди уште еднаш во клучните моменти, па Вардар влезе во последните три минути со предност од два гола (29-31). Монпелје намали со седмерец, но Скубе беше херојот на овој натпревар, со нов гол ставајќи печат на победата, изразена со конечни 31-33.

Сташ Скубе беше човек на одлука со осум гола од вкупно девет обиди, пред Дибиров со шест гола, Шишкарев го заврши мечот со пет погодоци, а Атман четири пати го најде патот до мреата на Шего. Гедбан го заврши мечот со осум успешни интервенции, само една помалку од Шего на спротивната страна.

Овој триумф е најдобра можна покана за „вардарци“ до нивните навивачи, следниот викенд пред полна сала во Скопје да се прослави втората победа против екипата на ПСЖ.

Се вчитува...