Се е подготвено за ново издание на „Фестивалот на вода Охрид 2025“: Круна е Охридскиот пливачки маратон на 30 август

Се е подготвено за новото издание на „Ohrid Water Festival“, кој по третпат ќе се одржи од 16 до 30 август во нашиот најголем туристички центар.

Фестивалот е поделен во два сегменти, едниот социјално – едукативен, а другиот спортско – рекреативен, информираа денеска организаторите, претседателот на фестивалот, Никола Вретоски и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

Спортската програма започнува на 16 август со Меѓународен ватерполо турнир за ветерани, по кој следуваат Ред Бул падалинка, Меѓународна кајак регата, Меѓународен пливачки митинг, Меѓународен тренинг камп во едрење, Меѓународна едриличарска регата, Охрид трчаТ акватлон, Куп во спортски риболов-Куп хранилка, СУП јога на вода, Меѓународна веслачка регата Охрид 2025, Регата со традиционални кајчиња, Меѓународно штафетно нуркање за мир, Запознај го едрењето, заштити го езерото, СУП маратон 33км околу езеро, Државно младинско првенство во пливање, Европски Меч Рејс Куп, СУП трки, Кајак регата Струга-Охрид и Охридскиот пливачки маратон на 30 август.

Социјално – едукативната програма започнува на 27 август со изложба на Нуркачкиот центар Акватек и концер на групата „Фузија“. Следниот ден, 28 август, програмата започнува со изложбата „Видови риби во Охридско Езеро“, по што следуваат концерт на Распеано рибарче, промоција на пливачи на Охридскиот маратон и документарниот филм „70 години маратонско пливање“. На 29 август предвидени се настаните 30 години УНДП во С. Македонија и изложбата „Патување по синилото: Св. Наум до Радожда“.

Сите настани од социјално-едукативнaта програма на „Ohrid Water Festival“ ќе се одржат на „Кеј Македонија“, пред хотел „Палас“.

Се вчитува...