Се мачеа, но победија: Ракометарите со 15 одлични минути ја освоија Финска

Ракометната репрезентација на Македонија во петтиот меч ја забележа и четвртата победа во квалификациите за ЕП 2022, триумфирајќи на гостувањето против Финска со резултат 22-27. „Црвено-жолтите“ долго се мачеа да го скршат отпорот на аутсајдерот во групата, но на крајот се покажа дека сосема доволни за триумф им беа фуриозните последни петнаесет минути од натпреварот, во кој беше скршен финскиот отпор.

Лазаров експериментираше со стартната „седумка“, при што капитенот-селектор остана на клупата заедно со Миркуловски, Кузмановски и Стоилов, а на голот од првата минута шанса доби Мартин Томовски на местото на Митревски. Финците од самиот почеток наметнаа брзо темпо, а со тактиката „седум на шест“ во нападот ни создадоа многу проблеми. Македонија само за момент погоди со пеналот на Кузмановски (5-6), за домаќините повторно да преземат контрола. На половина од полувремето Лазаров зеде тајмаут, по што на теренот се појави „првата постава“ на македонската репрезентација, но ситуацијата не се промени драстично, а Финците поведоа и со најубедливи три гола предност (12-9). Следеше втор промашен пенал на „црвено-жолтите“, за во финишот од полувремето по двете исклучувања на домашните ракометари Македонија да се приближи на 13-12. Македонските ракометари преку Маџовски не искористија одлична можност за израмнување, по што Сакинен погоди во последните секунди од полувремето за водство на Финска од 14-12.

На стартот од второто полувреме на голот на Македонија застана Никола Митревски. Кузмановски погоди за 14-13, потоа изнуди и пенал и исклучување, но Кире Лазаров не го искористи седмерецот за израмнување. Одбраната на Македонија на стартот од вториот дел делуваше далеку подобро отколку во првите триесет минути,  овозможувајќи да се стигне до 14-14, но Финците одговорија со два брзи гола. Голманот Патрик Росландер го продолжи своето шоу на голот на Финска, бранејќи му и втор пенал на Лазаров (вкупно четврти неискористен за Македонија), потоа и фаќајќи „жива топка“ по ударот на Филип Кузмановски.

Митревски одбрани две топки во серија, Македонија израмни на 17-17, имавме и пенал за водство, но Росландер му одбрани уште еден пенал на Кузмановски. Серијата од три промашени пенали на Македонија конечно ја прекина младиот Ѓоргиев со прецизен удар од седум метри, за свој прв гол на натпреварот за израмнување на 18-18, на половина од второто полувреме. Капитенот Лазаров со својот четврти гол донесе водство на Македонија од 19-20 во 49. минута, а една минута подоцна Ѓоргиев со вториот гол од пенал донесе прва предност на Македонија од два гола (19-21).

Финците ја загубија самодовербата во нападот, македонските ракометари продолжија со серијата на голови, па преку Лазаров и Стоилов поведоа и со најубедливи „плус четири“ (19-23). Остатокот од мечот беше рутина за „црвено-жолтите“, кои заслужено стигнаа до нова победа, како печат на веќе осигураниот пласман на следниот европски шампионат. Македонија овој квалификациски циклус ќе го заврши со неделниот домашен дуел против Швајцарија, што ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.

Кире Лазаров и Филип Кузмановски беа најефикасни на денешниот натпревар кај Македонија со по пет постигнати гола, четири постигна Гоце Георгиевски, а по два Талески и Стоилов.

Се вчитува...