Се огласи Академија ФМП: Официјално остануваме во Првата лига

Академија ФМП и во наредната сезона ќе се натпреварува во елитното македонско кошаркарско друштво откако прволигашот од Кисела Вода ја заврши неопходната процедура за регистрација како Акционерско друштво.

Истата ги спречи „академиците“ да настапат во победничката фаза претходната сезона и покрај тоа што регуларниот дел го завршија на третото место на табелата, а сега проблемите и официјално се надминати. За клубот кој во последните две сезони успеаваше и да се пласира на завршницата на Купот на Македонија, следи финансиска и организациска стабилизација.

„Трансформацијата од здружение на граѓани во Акционерско Друштво е успешно направена се со цел нашиот клуб да продолжи да се натпреварува во Првата лига и во наредната сезона. 

Во минатата сезона нашиот клуб успеа да заврши на 3-тата позиција на табелата во регуларниот дел и да настапи во полуфиналето на Купот на РМ, при што ја имаше својата најуспешна сезона, но за жал поради административни проблеми и немањето можност да се пререгистрира во АД во временскиот рок за минатата сезона, истата ја завршивме со настап во Плеј-Аут лигата.

Целта за оваа натпреварувачка година е стабилизација на финансиски и организациски план и давање шанса на млади домашни играчи, на кои ќе бидат приклучени неколку домашни и странски искусни играчи.

Тренер на екипата останува Никола Божиноски, кој го наследи на клупата Александар Петровиќ кој премина во редовите на МЗТ Скопје Аеродром“, стои во соопштението на Академија ФМП.

 

Се вчитува...