Се огласи и ФК Вардар: Не сме клуб кој со лажни информации би го привлекувал вниманието на јавноста!

Три дена македонската фудбалска јавност се оптоварува со повеќе од минорна тема, дали најтрофејниот македонски клуб воспоставил или не соработката со турскиот ФК Бешикташ, и тоа по доаѓање во земјава само на нивниот шеф на скаутска служба!?

Откако Бешикташ најпрво демантираше дека имал соработка, а потоа се корегираше информирајќи за доаѓањето на нивниот скаут во Македонија, се огласи и ФК Вардар кој во своето соопштение вели дека се воспоставени контакти за идна соработка со турскиот шампион и дека не е клуб кој преку лажни информации сака да го привлекува вниманието на јавноста.

„Заради недоразбирањата околу соработката на ФК Вардар со турскиот Бешикташ, должни сме да ја известиме јавноста дека споменатата средба со Бајрам Билим, шефот на скаутската служба на турскиот актуелен првак, беше одржана и воспоставените контакти официјализирани, за можна натамошна соработка. Без оглед на сегашната состојба и позиции, Вардар е македонска фудбалска и спортска гордост, извориште на плејада извонредни фудбалери низ изминатите децении, за да може да си дозволи со лажни информации да го привлекува вниманието на јавноста. Објавеното се покажа дека е точно а демантот за вистинитоста е поткрепен (во желба за оправдување) со контра демант од таборот на Бешикташ, кој денес преку својата официјална страна ја потврди средбата и контактите за соработка. Некаде скинатата алка на синџирот на медиумскиот тим на Бешикташ придонесе реакции и во македонските медиуми, создавајки сомнеж во функционалноста на нашите структури. На овој начин фудбалскиот клуб Вардар им се заблагодарува на сите добронамерни, потврдувајки ја зацртаната цел на клубот за враќањето на старите позиции и уште повисоки дострели меѓу кои спаѓаат и ваков вид на официјални соработки со големи Европски клубови, каде секако спаѓа и оваа со Бешикташ“ – се вели во денешното соопштение на ФК Вардар.

А, инаку не е никаква тајна дека во Македонија повеќе од често се присутни скаути на бројни европски клубови кои едноставно се на работни задачи испратени од своите клубови, главно во потрага на млади таленти. И за добрите познавачи на фудбалот, јасно е дека смешно е доаѓањето на скаути во земјава да се издигнува на највисоко ниво на некаква соработка на два клуба.

Се вчитува...