Се отвора ново место – Македонија ќе игра на СП во Египет?!

Македонија е на добар пат да добие вајлд-карта и да учествува на претстојното Светско Првенство во Египет, откако се отворија нови две шанси за „црвено-жолтите“ буквално во „пет до дванаесет“ да добијат покана и да станат дел од претстојниот мундијал што на програмата ќе биде во јануари 2021 година.

Пред откажување е квалификацискиот турнир за Северна Америка и Кариби, а денеска беше објавено дека поради коронавирус нема да се одржи ниту квалификацискиот турнир „Последна шанса“ за Средна и Јужна Америка, на кој требаше да учествуваат Парагвај, Чиле, Колумбија и Ел Салвадор. Иако дел од прогнозите велат дека Чиле ќе го добие билетот за Јужноамериканците, загриженоста поради ширењето на коронавирусот може да придонесе оваа селекција воопшто да не патува за Египет.

ИХФ во најскоро време ќе треба да донесе одлука за последните две места (од Северна Америка и Кариби и од Средна и Јужна Америка), а огромни се шансите дека една од овие две вајлд-карти ќе припадне на Македонија. Нашиот национален тим извиси при двете вајлд-карти за Европа кои беа доделени на Полска и на Русија, но во Ракометната Федерација на Македонија владее оптимизам дека овојпат „црвено-жолтите“ ќе дојдат до посакуваниот билет за СП и ќе биде одржат континуитетот од настапи на големите натпреварувања.

Се вчитува...