Се паметат победите: Митревски донесе радост во Турција

Никола Митревски е херојот на Македонија на денешното гостување против Турција, на кое нашиот национален тим по голема борба успеа да слави со минимални 25-26. Во меч во кој играта премногу осцилираше и беше далеку под посакуваното ниво, на крајот пресуди поголемото искуство на македонските ракометари, кои во последните десет минути направија целосен пресврт и стигнаа до победата. Митревски, кој влезе во игра во второто полувреме, беше фантастичен во завршницата, бранејќи и удар во последната секунда со што ја донесе победата со која Македонија остана на првото место во групата.

Зоната „шест нула“ во одбраната даде резултат во почетните петнаесетина минути, во кои нашата одбрана функционираше речиси беспрекорно. Кире Лазаров не го реализираше првиот пенал за Македонија, но тоа не се одрази врз нашата игра, па „црвено-жолтите“ поведоа со 3-7. Тајмаутот на турскиот селектор целосно ја промени сликата на теренот, па иако неколку минути подоцна имавме водство од 4-8, очигледно беше дека Турците се полесно го наоѓаат патот до нашата мрежа. Ристовски немоќно гледаше како разликата се топи, а ситуацијата не ја промени ниту тајмаутот што го побара селекторот Брестовац. Шутерското шоу на домаќините продолжи, погодуваа под последна закана за „пасивен напад“, па на одмор се замина со предност на Турција од 13-11.

Талески го отвори со погодок второто полувреме, во кое Брестовац се реши и за голманска промена, па од 31. минута на нашиот гол застана Никола Митревски. Сепак, ситуацијата на теренот не се промени драстично, турскиот голман Озмусул остана најдобар поединец на теренот, а домашните ракометари во 43. минута поведоа и со најубедливи четири гола предност (19-15), принудувајќи го македонскиот селектор на нов тајмаут. Димитриоски погоди веднаш по тајмаутот, а во одбраната заигравме „пет – еден“ со Талески како најистурен во дефанзивната зона. Македонија конечно заигра во посакуваниот ритам, преку Талески и Георгиевски намали на 19-18, по што дојде редот турскиот селектор да побара минута одмор за нови совети до своите ракометари.

Нападот на Македонија си ја врати сигурноста, се полесно нашите ракометари го наоѓаа патот до мрежата, па со голот на Кузмановски во 49. минута стигнаа и до израмнува од 21-21. Веќе во следната минута имавме и напад за водство, но беше досудено пробивање од Кузмановски. Митревски блесна кога беше најважно, врза три одбрани за неполни две минути, по што Талески од контранапад донесе водство од 21-22. Се влезе во период во кој се играше „гол за гол“, па на четири минути до крајот резултатот гласеше 24-24. Кузмановски биеше прецизно, а извонредно на спротивната страна одигра Стоилов, изнудувајќи пробивање од Пеливан. На две минути до крајот проектил испрати и Талески, за водство од 24-26, но Турците експресно возвратија на спротивната страна.

Брестовац зеде тајмаут на 42 секунди до крајот, при резултат 25-26, но одигравме буквално до последно додавање, по што Лазаров не реализираше шут од 12 метри. Турција доби шанса за израмнување, домашниот селектор побара и тајмаут на 23 секунди до крајот. Во финишот – драма, најпрвин при еден дуел донесоа различни одлуки, едниот досуди пенал, вториот девет метри, но за среќа конечната одлука беше во корист на Македонија. Турците успеаја да упатат опасен удар буквално во последната секунда, но Митревски беше на висина на задачата и ја осигура големата победа.

Македонија во последното коло в недела во Струмица ќе ја пречека Грција, меч на кој победа ќе значи освојување на првото место во квалификациската група.

Се вчитува...