Се распаѓа „дрим-тимот“ на ПСЖ – двајца асови „во пакет“ се селат во Киелце

ПСЖ ниту сезонава не успеа да стигне до посакуваната титула во Лигата на Шампионите, откако загуби во полуфиналето од Алборг на фајналфор турнирот во Келн. Газдите на клубот долго време инвестираа огромни суми во ракометниот колектив, но во последните години бевме сведоци на заминувања на клучни играчи, Генсхајмер се врати во Рајан-Некар Левен, Сагосен отиде во Кил, за 2022 година се најавени и трансферите на Винсен Жерар (Сан Рафаел) и на Микел Хансен (во Алборг), а денеска беа потврдени уште две заминувања, Ремили и Кунку во пакет ќе се преселат во таборот на Киелце од почетокот на сезоната 2022/23.

Полскиот гигант ги надмина финансиските проблеми и најави дека е подготвен за максимално сериозен долгорочен проект, врзувајќи ги тренерот Душебајев и клучните играчи со нови петмина ракометари. Паралелно со тоа се преговараше со нови врвни засилувања, а Ремили и Кунку дефинитивно влегуваат во тој профил на играчи.

Киелце веќе го договори суперталентираниот Даи (беше избран за најдобар млад играч во ЛШ сезонава), кој летово ќе се пресели од Париз во Полска, така што станува јасно дека ПСЖ за една година ќе го напуштат уште неколку клучни ракометари, од кои голем дел сезонава ја имаа лидерската позиција во составот на Раул Гонзалес.

Се вчитува...