Се распаѓа ли ПСЖ: Карабатиќ и соиграчите се нудат на Барса

Дрим-тимот на Пари сен Жермен би можел да го загуби сиот свој сјај на крајот од сезонава откако беше обелоденето дека Никола Карабатиќ и уште неколку врвни ракометари на „светците“ веќе почнале да се нудат на раководството на Барселона. Информацијата ја објави каталонско радио повикувајќи се на извори од највисокото раководство на Барса, кое било информирано за желбата на францускиот ас да се врати назад во овој клуб.

Каталонците пред неколку години го продадоа Карабатиќ во ПСЖ, но сега немаат намера да го вратат назад во својот табор. Одговорот до неговиот агент бил негативен, со образложение дека со трансферот на Лука Циндриќ долгорочно го решиле проблемот на таа позиција во тимот. Потврдено е дека преку различни агенти се понудени уште неколку ракометари на „светците“, чии имиња засега не се откриваат бидејќи преговорите со дел од нив ќе стартуваат во најскоро време.

Катарските газди амбициозно го стартуваа ракометниот проект во клубот од Париз, носејќи ги најголемите ѕвезди на овој спорт во дресот на „светците“. Сепак, желбата како и во фудбалот – освојување на круната во ЛШ, остана недостижна, поради што кај газдите владее големо разочарување. Засега нема никакви конкретни информации околу евентуалното намалување на буџетот, но самиот факт дека Карабатиќ и соиграчите веќе си бараат нов ангажман за новата сезона е доволен предзнак дека ќе дојде до сериозни промени во тимот предводен од Раул Гонзалес.

Само за потсетување, тимот летово го напушти Уве Генсхајмер, додека Сандер Сагосен веќе го договори својот трансфер во Кил за јуни 2020 година.

Следното лето во ПСЖ треба да замине „џинот“ на Вардар, Даинис Криштопанс, но доколку „светците“ навистина го намалат буџетот, тоа ќе биде можност за македонскиот првак да го задржи својот клучен ракометар уште долго во Скопје.

Се вчитува...