Се разбудија и заспаните Норвежанки

Норвешка нема да се предаде без борба во битката за место во полуфиналето на ЕП во ракомет за жени, откако скандинавската селекција синоќа во неверојатен меч ја декласираше Холандија со убедливи 29-16. Норвежанките цел шампионат играат „топло-ладно“, но со овој натпревар потсетија на своите најдобри времиња, покажувајќи дека никако не смеат да бидат отпишани од трката за едно од првите две места во групата, на кои моментно се наоѓаат Холандија и Романија.

Убедливата победа беше најавена уште на самиот почеток со цврста одбрана, Холанѓанките првиот гол го постигнаа во осмата минута, а до крајот на полувремето само уште шест пати ја затресоа норвешката мрежа (15-7). Предноста не само што не се намалуваше, туку истата се зголемуваше до саммиот крај, до конечните „плус 13“ против селекцијата која влезе со перфектен скор во овој натпревар.

Лунде имаше 13 одбрани на голот на Норвешка, додека Марит Јакобсен беше најефикасна во нападот со пет погодоци од исто толку обиди.

Норвежанките ќе мора да слават во последното коло над Шпанија, но сепак не се господарки на сопствената судбина бидејќи за пласман во полуфиналето неопходен ќе им биде и пораз на еден од двата фаворити (Романија да загуби од Унгарија или Холандија да загуби од Германија).

Се вчитува...