Се „спукаа“ Партизан и Црвена Звезда, никој не знае кога ќе почне АБА-лигата

Денешното Собрание на АБА-лигата се претвори во фарса откако вечните ривали Партизан и Црвена Звезда се „спукаа“ околу именувањето на нов претседател на регионалното натпреварување. Кандидат за функцијата беше претставникот на Црвена Зоран, Тошковиќ, но Партизан одби да даде поддршка за овој предлог бидејќи станува збор за лице кое како адвокат во неколку судски спорови ги застапувал „црвено-белите“.

Притоа, дошло до конфликт меѓу двата српски гиганти, а бидејќи претседателот мора да се избере едногласно, не само што тоа не се случило, туку и целокупното собрание било прекинато. Притоа, Партизан уште еднаш побарал исфрлање на ФМП од АБА-лигата бидејќи според „црно-белите“ станува збор за клуб што е целосна филијала на Црвена Звезда.

Воедно, прекинот на Собранието на АБА придонесе дополнителна конфузија околу стартот на сезоната. Не беше избран нов претседател на Судиската комисија, а воедно и не беа извлечени двојките за натпреварувачкиот календар за сезоната 2020/21. Првичниот датум од 19 септември според бројни медиуми ширум Балканот ќе биде променет за најмалку две седмици, но за потврдата и на таа информација ќе мора да се почека до следното Собрание, откако во меѓувреме ќе се смират страстите меѓу Партизан и Црвена Звезда.

Се вчитува...