Се тресе клупата на „ел команданте“ во ПСЖ

Раул Гонзалес ги забележа своите најдобри резултати во тренерската кариера на кормилото на Вардар, но шпанскиот стратег не успеа да продолжи во ист стил и по преселбата во ПСЖ. Јасно беше дека желба на газдите на најбогатиот европски клуб беше да се стигне до титулата во ЛШ, „светците“ дополнително се засилија летово и најавија атак на трофејот, но уште на самиот старт налетаа на две „нагазни мини“, најпрвин загубија на домашен терен од Фленсбург, за синоќа да претрпат пораз и на гостувањето во Белорусија против Брест Мешков.

Вината за неуспесите вообичаено паѓа врз тренерот, а исклучок не е ниту „ел команданте“, кој не одговара на задачите за кои беше доведен. Иако имаат бројни „ѕвезди“ во своите редови, „светците“ воопшто не делуваат како дрим-тим, покажуваат премногу слабости во одбраната што противниците знаат како да ги решат.

„Раул премногу ротираше против Фленсбург, што придонесе да има и голем број на загубени топки. Против Мешков Брест се реши за помалку ротации во поставата, но тоа пак придонесе да дојде до замор кај играчите токму во моментите кога се решаваше победникот. Шпанецот никако не успева да ја најде победничката комбинација“, пишуваат француските медиуми.

Раул Гонзалес воопшто не се појавил на задолжителната прес-конференција, испраќајќи го таму неговиот помошник Хота Гонзалес, уште една потврда за зголемениот притисок врз поранешниот македонски селектор, кој го напушти кормилото на нашиот национален тим токму за да се посвети на работата во ПСЖ.

Се вчитува...