Се враќа кошарката: МЗТ в понеделник прв почнува со тренинзи

МЗТ Скопје Аеродром од понеделник официјално ги почнува подготовките за претстојната сезона во која покрај во домашното првенство повторно ќе биде дел и од АБА 2 лигата. По принудната пауза предизвикана од пандемијата на коронавирусот поради која беше и прекината домашната сезона, МЗТ ќе почне да работи во „Јане Сандански“.

„Тренерот Ѓорѓи Кочов в понеделник ќе ги построи кошаркарите кои во моментов се под договор со клубот од Аеродром, а кои во моментов се десет на број и тоа седум македонски репрезентативци и тројца интернационалци. На првиот собир се очекува присуството на капитенот Дамјан Стојановски, Бојан Крстевски, Андреј Магдевски, Андреј Маслинко, Кристијан Николов, Адем Мекиќ и Филип Бакоч, како и на Американците Феми Олуџоби, Хасани Гравет и на српскиот интернационалец Андрија Бојиќ. За време на подготовките, со првиот тим ќе работат и поголем број таленти од нашата младинска школа, за кои тоа ќе биде голема можност за собирање драгоцено искуство, кои потоа ќе може да им го пренесат на своите соиграчи во соодветните возрасни категории.

Воведниот тренинг е закажан за утринските часови в понеделник и тоа на отворено, каде што ќе се работи на физичка подготвеност, а за вечерта е планирано првото колективно влегување во салата „Јане Сандански“ по пауза од точно 155 дена од последниот тренинг кога беше прекината минатата сезона“ – стои во информацијата од клубот.

Тренинзите во сала ќе се одвиваат по пропишаниот протокол кој клубовите го добија од Комисијата за заразни болести. Протоколот подразбира строги мерки за да се обезбеди заштита на сите инвловрани од потенцијалната опасност од зараза со COVID-19.

Се вчитува...